Фотографијата што ја обележа мојата година: Метеор над огнот на Галичица
Метеор над огнот на Галичица | © Riste Spiroski
Последните неколку дена од пожарот на Галичица внимателно го следев како постепено се развиваше. Она што почна како мал оган, брзо се претвори во драматичен настан кој морав да го документирам. Ова беше повеќе од обичен пожар – ова беше сцена што ретко се појавува пред објективот на еден фотограф. Така, дента на 15ти август излегов на старото пристаниште во Охрид, надевајќи се дека ќе успеам да го доловам овој драматичен момент.
Пристаништето беше полно со туристи, сите со телефоните насочени кон планината. Тој контраст – пожарот што го проголтува националниот парк, а луѓето одоздола го набљудуваат – беше слика што мораше да биде доловена. Но, како што ја погледнав фотографијата, не бев целосно задоволен. Сакав повеќе.
Затоа решивме, заедно со мојот другар Владимир да се упатиме поблиску до планината, до с. Трпејца, од каде најдобро се гледаше огнената стихија.
Стигнавме во село Трпејца, каде сретнавме двајца луѓе во продавничката кои, иако беше 12 часот навечер, внимателно го следеа пожарот. Ја подесив камерата на timelapse mode (низа фотографии во одреден интервал за да се забележат промените што се случуваат со тек на време). Одеднаш се слушнаа две-три силни експлозии. Една од нив резултираше со пламен кој се подигна високо. Подоцна дознав дека се работело за стари гранати од војната, останати на планината.
Фотографирање на пожарот на Галичица од с. Трпејца
После речиси еден час фотографирање, решивме да си одиме. Но, мојот другар предложи да останеме уште 10 минути. И токму тогаш – се случи нешто неочекувано. Метеор светна над планината, директно над пожарот. Под темното небо, огнот создаваше светлосен контраст, а метеорот блесна јасно низ чадот. Брзо ја погледнав камерата – и тогаш ја видов фотографијата што денес ми е омилена, и според мене, најдобра во мојата кариера.
Метеор над огнот на Галичица | © Riste Spiroski
Оваа фотографија не само што го одбележа моето творештво оваа година, туку и се најде на неколку познати медиуми, а беше објавена и на светски најпознатиот астрономски сајт Space.com како фотографија на денот.
Image of the day - “Shooting star over devastation” by Riste Spiroski on Space.com